отворени податоци

Состојбата на електронските услуги во РМ

Tags: 

Во 2005 година на блогов е забележан проблемот со софтверот за пресметка на плати.

Во 2010 година, проблемот со ЦРМ.

И двата постојат сѐ уште и денес - заедно со некои други.

Оваа година се туркаат напред и други, нови, електронски услуги. Новиот даночен систем на УЈП е таков. Сѐ уште е нејасно дали оваа услуга ќе може да се користи од GNU/Linux (се откажав после некои иницјални тестови, а понудувачите на сертификати нудат поддршка само за ситеми на Microsoft).

Но, дури и да се радуваме на тоа што нема да мора да зависиме од Internet Explorer, апликацијата зависи од Java која пак во последно време е безбедносен кошмар.

Вкупната оценка на сето ова не е добра. А покрај оваа констатација останува да се запрашаме и како да се мери успешноста на граѓанскиот ИКТ активизам во Македонија во однос на овие технологиите и услугите што тие ги овозможуваат?

Отворени градови

Tags: 

Оваа не е вообичаениот тип на текст што се појавува овде, но ете да го споделам ова кратко и корисно видео од годинешната re:publica во Берлин: https://www.youtube.com/watch?v=YZqHXNUFLgM

Станува збор за најава за проект за отворени градови, користење на товорени податоци за создавање на услови за поубаво живеење во градовите. Од тоа што може да се види на сајтот на проектот во него се вклучени Хелсинки, Берлин, Амстердам, Париз, Рим, Барселона и Болоња (ако воопшто некој и би се изненадил од овој попис).

Па тоа, мал heads-up за скопските градски активисти.

Уште неколку реченици за отворените влади

Tags: 

Во (веројатно) извиканиот говор на Евгени Морозов на TED, има интересна забелешка за пристрасноста на западниот свет кон улогата на технологијата: Наместо бомби, фрлете им ајпади и демократијата е неизбежна. Ми се чини дека за многу проблеми и нам овде во Македонија технологијата ни се чини како решението што неизбежно ќе донесе позитивни резултати. Последно, иницијативата за OpenData е уште едно место каде технологијата треба да помогне за подобра држава.

Отворени податоци е дел од големиот балон за отворена влада. Затоа, прашањето е дали можеме да имаме отворена влада без технологија? Неспорно, полесно е да ја имаме со помош на технологија, особено некоја отворена технологија како што е интернет. Но, еве, за момент да замислиме дека технологија баш и нема. Кои се отворените влади на минатото?

Ова е важно прашање бидејќи нужно нѐ втурнува во политичка дебата за тоа што всушност мислиме кога ќе кажеме отворена влада; што очекуваме од владата воопшто, наспроти кои алатки од светот на ИКТ мислиме дека таа треба да ги користи. Како што Морозов забележува, владите сосема успешно можат да користат технологија за да одржат авторитативност и за да наметнат репресија над граѓаните; можат да ги користат и најубавите софтверски алатки.

Значи, повторно, ова е дебата за вредностите. За оние од нас кои доаѓаат од светот на слободниот софтвер ова можеби и не е толку чудно. Слободниот софтвер е вредносно прашање: софтверот треба да биде слободен бидејќи тоа е единствениот начин трајно да се обезбеди слободата на корисниците на компјутери. Слободата е највисоката вредност што се застапува.

Прашањето е дали можеме ли да изнајдеме слична дефиниција за вредностите за отоворената влада?

Играјќи си со јавните податоци

Tags: 

Трети декември е датумот кога се одржува годишниот хакатон за отворени податоци. Во основа ова е еднодневен настан што се одржува во разни градови во светот на кој хакерите се собираат со цел да создадат апликации и презентации од отворени јавни податоци. Последново се однесува на податоци кои ги прибрале различни државни служби (како на пример Завод за статстика) и кои се јавно достапни, да речеме на интернет, во формати кои овозможуваат лесно манипулирање со нив.

До сега движењето за отворени податоци има создадено неколку корисни апликации: OpenSpending со која може да се визуелизираат буџетите на локалните или државните власти, Mapit кој служи за мапирање на поштенски броеви и административни области и Open311Api кој е отворен стандард за следење на транспарентност, ефикасност и отчетност во градовите. Сигурно има и други алатки. Ова се само првите три набројани на OpenDataDay.org.

Оваа година хакатонот за отворени податоци случајно доаѓа по објавениот цртеж на Рандал Мунро, авторот на XKCD, насловен „Пари“. Иако направен помалку или повеќе шегаџиски, а секако во стилот на познатиот стрип, цртежот ги наведува сите изводи што се искористени за да се направи оваа визуелизација. Несомнено ова е уште еден добар пример за тоа што можат граѓаните да прават со јавно достапни податоци. Можеме само да шпекулираме дека сето ова е очекуван ефект од чекорот на администрацијата на Барак Обама да го стартува Data.gov и да ги направи податоците што ги собира извршната власт на САД достапни за граѓаните. Овој чекор го следеа и други земји на OECD.

Ова не е само прашање на хакерско зезање. Оправданоста на јавниот достап до државно-собраните податоци може да се објасни на повеќе начини: ако граѓаните веќе еднаш платиле за собирањето на податоците (преку даноци), тогаш сите податоци собрани на таков начин треба да бидат достапни за користење без надоместок; или, податоците што ги собираат државните институции треба да бидат достапни на увид за граѓаните да бидат поинформирани и полесно да можат да се вклучат во јавната дебата што демократските системи ја бараат; или преку увидот во податоците прибрани од државата, граѓаните можат да остварат подобра контрола над институциите на системот.

Македонските иницијативи од ваков тип се бледи. На почетокот на годинава @budgetmk твиташе информации од Буџетот на Р. Македонија за 2011 г. Во 2010 година на youtube се појави видео што ги презентира податоците за сообраќајни несреќи објавени од МВР наспорти кампањата што ја презентираше Владата на РМ за користењето на дрога и безбедноста во сообраќајот.

Дали знаете за други вакви примери во земјава? Дали има отворен извор на јавни податоци во Македонија или пак апликации изградени околу податоци кои што државата ги направила јавно достапни? Бидејќи нема овој трети декември да правиме хакатон, можеме барем да ја истражиме состојбата со отворените податоци во Македонија.

Текстот е објавен на it.com.mk: Играјќи си со јавните податоци.